Манастирот Острог - најпосетено светилиште во Црна Гора


Манастирот Острог во текот на целата година е најпосетено светилиште во Црна Гора, а после Христовиот гроб и Светата гора, ова е третото најпосетено светилиште во христијанскиот свет. 

Причината за тоа се бројните чуда кои што се случуваат во ова карпесто црквено здание. Од тие безбројни исцеленија мал број е запишан и објавен пред минатата светска војна. Манастирот Острог се смета дека претставува вистинско место за одмор на душата и пронаоѓање на Бога во себе си. Дури и самиот пат и пристапот до ова свето место претставува вистински предизвик.

Реки од верници го посетуваат манастирот во кој што доаѓаат пешки, а голем процент од посетителите се брачни парови кои што не можат да имаат деца. Но, не е мал и бројот на жените кои што после посетата на вечната куќа на прочуениот светец останале бремени, а сите до една веруваат дека токму свети Василиј ги благословил, па останале бремени.

Се верува и дека виновата лоза која што расте покрај карпите на прочуениот манастир е лековита, поточно дека нејзините плодови ја лечат неплодноста.

Чудотворната винова лоза


Митрополитот Василиј се упокоил токму во манастирот Острог, а на местото на кое што тој ја испуштил својата душа, никнала винова лоза, која што вирее и ден денес. Недолго потоа, митрополитот Василиј бил канонизиран за светец на Српската православна црква, која што секоја година, на 12-ти мај, слави во негово сеќавање.

Од тогаш, па до денешен ден, непрекинато се случуваат чудата на Свети Василиј Острошки.



Манастирот го посетуваат припадниците на сите вери

На официјалната веб страница на манастирот постојано се појавуваат нови текстови кои што сведочат за големината на чудата на Свети Василиј Острошки, а во походите кон манастирот секојдневно доаѓаат поклоници, од кои што многумина не се од православна вера.

Во Горниот манастир се наоѓаат две мали цркви, горна црквичка посветена на Чесниот и Животворен Крст, каде што Свети Василиј ги поминал последните години од својот земјен живот, во пост и молитва. Втората, долна црква е посветена на Воведение на Пресвета Богородица, каде што и ден денес се чуваат моштите на овој Светител.

Како Василиј станал светец?

Во часот на неговото претставување пред Бога, неговата келија заблескала со необична и вонземска светлина. Телото на Свети Василиј монасите го погребале во гробница под црквата Воведение на Мајката Божја. 

Народот започнал да доаѓа на неговиот гроб и да се моли, исто како што доаѓал и за време на неговиот земјен живот. А на гробот започнале да се случуваат многубројни чуда, кои што ниту до ден денешен, на Острог не престануваат.

Според преданијата се вели дека, седум години после смртта на Светецот, на тогашниот игуман на манастирот Свети Лука во Парохијата во близина на Никшиќ, често му се појавувал во сон, наредувајќи му да оди во Острог и да го отвори неговиот гроб. Тоа се повторило два пати, бидејќи игуманот не му придавал важност на својот сон. Дури третиот пат игуманот решил да го раскаже сонот во своето братство, договарајќи се да одат во Острог. 

Кога го отвориле гробот на Свети Василиј, тие го пронашле неговото тело потполно неоштетено, жолто како восок, а мирисало на босилек. Тоа било вистинскиот доказ дека Василиј Острошки бил вистински светец. Неговите мошти биле сместени во ковчег каде што почиваат и ден денес.

Нема посетител што го посетил овој Манастир, а не ја допрел гранатата која што стои закотвена во карпестите ѕидови на Горниот манастир во Острог. Сите внимаваат на неа. Гранатата се чува како најголем експонат од Втората светска војна, при што се верува дека токму силата на свети Василиј не дозволила гранатата да експлодира и да ја оштети црквата на Чесниот крст. Со стручни анализи било утврдено дека гранатата била технички исправна и како таква требало да експлодира.

 


Слични текстови

Дубровник - еден од најубавите градови во светот

Прочитај повеќе

10 факти за Истанбул

Прочитај повеќе

Види ги сите текстови

Top